Дополнителни услови за користење на Google One
Последна измена: 11 ноември 2025 г. |За да користите Google One, мора да ги прифатите (1) „Условите за користење“ на Google и (2) овие „Дополнителни услови за користење“ на Google One („Дополнителни услови“). Значењата на условите што не се дефинирани во овие „Дополнителни услови“ може да ги најдете во „Условите за користење“ на Google.
Внимателно прочитајте ги овие документи. Заедно, документиве се познати како „Услови“. Тие поставуваат што може да очекувате од нас при користењето на нашите услуги, како и што ние очекуваме од вас.
Ве советуваме и да ја прочитате нашата Политика за приватност за да разберете подобро како може да ги ажурирате и бришете вашите податоци, а и да ги извезувате и да управувате со нив.
1. Нашата услуга
Google One нуди претплатнички пакети со платен простор што е заеднички за Gmail, „Фотографии на Google“ и Google Drive, меѓу кои и претплатнички пакети со дополнителни придобивки што ви ги обезбедува Google или трети страни. Google One нуди и претплатнички пакети и кредити за AI за платен пристап до одредени AI-функции што ги создал Google. Вашето користење дополнителни придобивки од Google или трети страни подлежи на условите за користење што важат за таквите придобивки. Некои придобивки може да не се достапни во сите земји и може да подлежат на други ограничувања. За повеќе информации, одете во „Центарот за помош“ на Google One.
Услугата Google One ви ја обезбедува ентитетот на Google наведен во „Условите за користење“ на Google. Кога ќе купите претплата на Google One или кредити за AI, склучувате засебен договор со продавачот, којшто може да биде ентитет на Google (погледнете во Дел 2) или трета страна. Ако имате претплата на Google One преку трета страна или партнер, тогаш вашата претплата може да подлежи на дополнителни услови од третата страна или партнерот.
Кредити за AI
Кредитите за AI може да ги користите за да ги овозможувате и обработувате вашите барања во рамките на наменските AI-функции. Детали за бројот на кредитите што се потребни за одредено дејство (на пр., генерирање видео) ќе најдете во рамките на релевантниот производ или функција. Google го задржува правото да го менува износот во кредити за користењето AI-функции. Кредитите за AI може да се користат само за пристапување до одредени AI-функции што Google може да ги овозможува повремено.
Кредитите за AI може да истекуваат по одреден период, како што е наведено кога ќе ги добиете.
Немате право или сопственост врз кредитите за AI, освен како што е јасно наведено во овие „Услови“. Кредитите за AI не смее да ги продадете или да ги префрлите на друг корисник или сметка, ниту да се обидете да ги продадете или префрлите. Кога купувате кредити за AI, плаќате однапред за користењето одредени наменски AI-функции. Кредитите за AI не се дигитална валута, хартија од вредност, стока или друг вид финансиски инструмент и не може да се активираат за парична вредност. Кредитите за AI може да се активираат само за назначените AI-функции во екосистемот на Google. Сите неискористени кредити за AI може да се изгубат при укинувањето или откажувањето на вашиот пакет на Google One, што подлежи на важечките правила за рефундирање.
Дознајте повеќе за кредитите за AI овде.
2. Купување и плаќање
Претплатите на Google One се на неопределено време и ќе ви се наплаќа на почетокот на секој циклус за наплата согласно со условите на вашата претплата (на пример, месечно, годишно или друг период), освен ако се отпишете.
Кога ќе купите претплата на Google One или кредити за AI, купувањето ќе подлежи на засебни услови од продавачот. На пример, кога ќе се регистрирате за претплата на Google One или ќе купите кредити за AI преку Google Play Store, купувањето ќе подлежи на „Условите за користење“ на Google Play.
Ова се продавачите од каде што може да купите претплата на Google One или кредити за AI преку Google Play Store:
- За клиенти во Европа, Средниот Исток и Африка: Google Commerce Limited
- За клиенти во Индија: Google Ireland Limited
- За клиенти во останатиот дел од Азија, Пацифик: Google Digital Inc.
- За клиенти во Соединетите Американски Држави и останатиот дел од светот: Google LLC.
Кога ќе купите претплата на Google One или кредити за AI преку трета страна или партнер, третата страна или партнерот ќе ви наплати на вашиот начин на плаќање и ќе сноси одговорност за управувањето со проблемите со плаќањето, што опфаќа и откажувања и рефундирања.
Ако продавачот не може да ви наплати за претплатата на Google One, можно е да не може да пристапите до Google One сѐ додека не го ажурирате начинот на плаќање кај продавачот. Ако не го ажурирате начинот на плаќање во рамките на разумен временски период по известувањето, може да го откажеме или суспендираме вашиот пристап до Google One.
3. Цени и понуди
Понуди. Повремено може да нудиме пробни периоди за претплата на Google One бесплатно. Ако купите претплата на Google One што опфаќа пробен период, ќе добиете пристап до Google One додека трае пробниот период. На крајот од пробниот период и онолку колку што е дозволено со важечкиот закон, автоматски ќе ви се наплати цената на претплатата за секој период за наплата ако сте му обезбедиле важечки начин на плаќање на продавачот и ќе продолжи да ви се наплаќа сѐ додека не ја откажете претплатата. За да не ви се наплати, мора да ја откажете претплатата кај продавачот пред крајот на пробниот период. Повремено може да нудиме и попусти на претплатите на Google One. За понудиве може да важат дополнителни услови и одредби, што опфаќа и критериуми за подобност, а сите такви дополнителни услови ќе ви станат достапни пред активирањето или купувањето. Понудите се неважечки онаму каде што се забранети или ограничени со важечкиот закон.
Промени во цените. Повремено може да ги променуваме цените за претплатите на Google One или кредитите за AI, на пример, за да ги покажеме инфлацијата, промените во важечките даноци, промените во промотивните понуди, промените во Google One или променливите деловни потреби. За промените во цените за претплатите на Google One, промениве ќе стапат во сила откако ќе заврши тековниот период за наплата, при следниот циклус за наплата по известувањето. Известување за зголемување на цената ќе добиете најмалку 30 дена пред да ви се наплати. Ако известувањето го добиете помалку од 30 дена пред да ви се наплати, промената нема да се примени сѐ до плаќањето по следниот циклус за наплата. Ако не сакате да продолжите со претплатата на Google One по новата цена, може да ја откажете претплатата како што е опишано во делот „Откажувања“ во овие „Услови“ и нема да ви наплатиме дополнителни износи за претплатата, под услов да нѐ известите пред крајот на тековниот период за наплата. Освен ако се согласите со новата цена, секаде каде што е зголемена цената и треба согласност, вашата претплата ќе се откаже.
4. Откажувања и рефундирања
Откажувања и повлекувања. Ако ја откажете претплатата, пристапот до Google One ќе го задржите до крајот на тековниот период за наплата, освен ако имате право да откажете веднаш или имате други права на откажување или повлекување како што е дополнително опишано во Центарот за помош. Ако имате право на повлекување и сакате да го остварите, мора да му ја соопштите вашата одлука за повлекување на продавачот од каде што сте ја купиле претплатата со недвосмислена изјава. Ако побарате да се започне вршењето на услугите во периодот на повлекување, може да треба да плаќате износ што е пропорционален на обезбедените услуги сѐ додека не го известите продавачот дека се повлекувате од договорот.
Ако одлучите да ја избришете Google One преку бришење услуги, се согласувате дека може да го изгубите пристапот до услугите на Google One веднаш. Ако претпочитате да ги задржите услугите на Google One до крајот на периодот за наплата, подобро откажете ја вашата претплата отколку да ја бришете Google One.
Рефундирања. Ако сте купиле претплата на Google One или кредити за AI, ќе важат правилата за рефундирање. Ќе треба да контактирате со продавачот од каде што сте ја купиле претплатата за да побарате рефундирање. Може да имате потрошувачки права според важечкиот закон што не може да се ограничат со договор. Овие „Услови“ не ги ограничуваат тие права.
5. Служба за поддршка
Google One може да опфаќа пристап до служба за поддршка во одредени услуги на Google. Ако службата за поддршка не може да ви помогне со вашето барање, може да ве префрлиме или пренасочиме кон службата за поддршка на конкретната услуга на Google. Ако вашата претплата на Google One е откажана или суспендирана, може да се суспендира и решавањето на нерешените проблеми во службата за поддршка, што значи дека можеби ќе треба да испратите ново барање откако ќе си ја вратите претплатата. За повеќе информации за службата за поддршка, одете во нашиот Центар за помош.
6. Споделување со семејството
Вашата претплата на Google One може да ви овозможи да споделувате одредени придобивки со вашата семејна група („Споделување со семејството“). Ако не сакате да споделувате придобивки со семејната група, мора да ја оневозможите функцијата „Споделување со семејството“ за Google One или да ја напуштите семејната група. Само управниците со пакети на Google One може да додаваат членови на семејството во претплата на Google One, а и да ја овозможуваат или оневозможуваат „Споделување со семејството“ за Google One. За повеќе информации за „Споделување со семејството“, одете во нашиот Центар за помош.
Ако сте дел од семејна група на Google One, членовите на семејната група ќе може да гледаат одредени податоци за вас. На пример, ако се придружите во семејна група со овозможена „Споделување со семејството“ за Google One, другите членови (и поканетите лица) на семејната група може да ги гледаат вашето име, фотографија, адреса на е-пошта, уредите за коишто сте направиле бекап, потрошените кредити за AI, како и големината на простор за складирање што го користите. Членовите на семејната група може да гледаат и дали некој член на семејството активирал одредени дополнителни придобивки од претплатата на Google One.
Ако сте управник со пакет на Google One во вашата семејна група и или ја оневозможите „Споделување со семејството“ или ја напуштите семејната група, другите членови на семејната група ќе го изгубат пристапот до претплатата на Google One. Ако сте добиле пристап до Google One преку „Споделување со семејството“ од управникот со пакетот на Google One, ќе го изгубите пристапот до Google One ако ја напуштите семејната група или ако управникот со пакетот на Google One ја оневозможи „Споделување со семејството“ или ја напушти семејната група.
7. Бекап и враќање на мобилни уреди
Google One може да опфаќа подобрена функционалност за бекап и враќање на податоците („Бекап и враќање“) за квалификувани мобилни уреди. Ако користите „Бекап и враќање“, може да треба да инсталирате и активирате дополнителни апликации, како „Фотографии на Google“. Опциите за „Бекап и враќање“ може да ги промените во апликацијата Google One кога сакате. Ако вашата претплата на Google One е суспендирана или откажана, по одредено време може да го изгубите пристапот до податоците зачувани во „Бекап и враќање“, што подлежи на важечките правила за бекап на Android.